ДУИ контра Пендаровски: Го потпиша Кривичниот законик со европско знаме, иако ЕУ се противеше

Седиштето на ДУИ во Мала Речица, Тетово

Пендаровски го потпиша спорниот Кривичен законик со европско знаме и покрај масовните оспорувања на земјите членки на Европската Унија, закон кој ги пропадна речиси сите случаи на Специјалното обвинителство, реагираа од Демократската Унија за интеграција (ДУИ), откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Законот за игри на среќа и притоа рече дека тоа го направил поради сериозните укажувања од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце.

„Стево Пендаровски нека ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на Законот за игри на среќа и кој го поттикна да оди против волјата на граѓаните и пратениците.
Приказната за реакцијата на Европската Унија за европското знаме е петкратен стандард на Пендаровски“, се вели во соопштението од ДУИ.

Законот за игрите на среќа и за забавните игри, пратениците го донесоа на седницата на 7 февруари. Во врска со непотпишувањето на истиот, Пендаровски рече дека не навлегува воопшто во содржината на законот, дали е добар или не, туку дека го вратил поради повеќето писмени забелешки на ЕУ.

„Во овој случај такво нешто нема и затоа треба законот да оди во редовна процедура и да не трае само 2, 3 дена, целата расправа, само тоа е. Не велиме дали е добар или лош законот, како содржина може да е одличен. Меѓутоа велиме мора да се однесуваме како Европа“, изјави Пендаровски.

Видете и ова: Пендаровски за непотпишувањето на Законот за игри на среќа: ЕУ укажува на злоупотреба на европското знаме

Од ДУИ пак вратија дека Пендаровски знаел дека опозицијата го блокираше законот за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца.

„Довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и целата оваа битка за отстранување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата, Пендаровски ја фрли во корпата за отпадоци и ја одбра страната на обложувалниците и казината“, велат од владејачката ДУИ.

На забелешките од ДУИ, Пендаровски возврати преку објава на социјалната мрежа Фејсбук во која наведува дека Законот за игрите на среќа и за забавните игри е единствениот за кој имало ЕУ писмено реагирала за употребата на европското знаменце уште пред да биде донесе

„Дописот во кој јасно се назначува дека не е почитувана процедурата, односно писмото од Европската Унија пред да биде испратено до Претседателот е исто така испратен и до Владата и до Собранието. Вицепремиерот Артан Груби како и сите членови на владата би требало да се запознаени со овој допис“, возврати претседателот.

За измените на Кривичниот законик, за кој го прозиваат од ДУИ, Пендаровски вели дека „имаше јасна европска Директива за конфискација на имот стекнат со криминал“, како и усогласување со европската Директива во делот за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист.

Измените и дополнувањата на овој закон предвидуваа објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст. Со измените на Законот им се овозмож рок од една година на обложувалниците и автомат клубовите да ги преселат нивните деловни простории на најмалку 500 метри од училиштата.