Министерството за надворешни работи(МНР) на Србија упати протестна нота до Амбасадата на Хрватска во Белград поради, како што се наведува, палењето на куклата со ликот на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на карневалската поворка близу Сплит.
„Палењето на кукла со ликот на претседателот на Србија е апсолутно неприфатлив чин, кој е во спротивност со заеднички изразената определба за целосна нормализација на односите и подобрување на сеопфатната соработка“, соопштија од српското МНР на 14 февруари.
Во соопштението се додава дека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ остро го осудил палењето на куклата.
Претходно, хрватските медиуми објавија дека на карневалот во Каштел Стари кај Сплит изгореле кукли со ликот на претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин.
Коментирајќи го овој случај, Вучиќ изјави дека не е „особено несреќен“ поради тоа и дека би бил љубоморен доколку изгорела кукла со ликот на друг Србин.