СЗО: Израелската офанзива на Рафа би предизвикала неизмерна катастрофа

Многу луѓе во градот Рафа живеат во импровизирани засолништа

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека израелската воена офанзива на градот Рафа во јужниот дел на Газа ќе предизвика „неизмерна катастрофа“ и ќе го турне здравствениот систем на енклавата кон колапс.

„Воените активности во оваа густо населена област, се разбира, би претставувале неизмерна катастрофа“, изјави Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО за Газа и Западниот Брег.

Повеќе од еден милион Палестинци се во Рафа, во близина на границата со Египет, каде што многумина се сместени во шаторски кампови и импровизирани засолништа откако избегаа од израелското бомбардирање од другите делови на Газа.

Израелската армија објави дека сака да ги ослободи заложниците во тој град, кои беа киднапирани на почетокот на октомври во нападите на Хамас, организација која беше означена како терористичка од САД и од Европската унија.

За време на инвазијата на јужен Израел во октомври, милитантите на Хамас убија околу 1.200 луѓе, а киднапираа околу 240 од нив и ги одведоа во Газа.

Видете и ова: Гутереш: Израелски напад врз Рафа би предизвикал хуманитарна катастрофа


Одговорот на Израел на нападот предизвика големи разурнувања во Газа. Палестинското Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека оттогаш се убиени повеќе од 28.400 луѓе, а повеќе од 68.000 се ранети.

Во последните месеци Рафа стана град во кој се населиле повеќето палестински бегалци кои останале без покрив над главата по израелското бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа. Според проценките на ОН во него моментално има 1,4 милиони луѓе.

Пред војната, Рафа беше дом на околу 250.000 луѓе.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги победи членовите на Хамас за кои вели дека се кријат во градот.

Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Израел дека цивилите мора да бидат заштитени, додека британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон му порача на Израел да „паузира и сериозно да размисли“ пред да го нападне градот Рафа.

Според податоците презентирани од агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се потиснати во градот Рафа на границата со Египет и околните области. Една четвртина од населението на Газа гладува, а 85 отсто од населението морало да ги напушти своите домови.