Скопското Обвинителство до судијата за деца при Основниот кривичен суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка за две малолетнички, кои натепаа врсничка во Скопје.
Од Обвинителството информираат дека двете малолетнички, на 9 февруари, на улицата Мирослав Крлежа во Скопје, ја загрозиле сигурноста на друго девојче вршејќи грубо насилство кон неа.
„Девојчињата најпрвин разговарале и почнале да се расправаат по што двете ја фатиле оштетената и ја собориле на земјата, па ја удирале со тупаници и клоци додека не ги раздвоил сведок на настанот. Со ова предизвикале телесни повреди кај девојчето, како и чувство на вознемиреност во јавноста. Во текот на постапката јавниот обвинител предлага да се сослушаат децата во судир со законот и оштетената, како и сведоци на настанот, да се прибави вештачење на видот и карактерот на повредите, да се обезбедат снимки од сведоци на настанот, да се прибави мислење од Центарот за социјални работи, како и да се преземат сите други неопходни дејства“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Видете и ова: Во потрагата по успешни, заборавивме да растеме среќни децаОттаму додаваат дека се постапува и за случајот кога четири деца помеѓу 15 и 17 години пред два дена во Нерези натепаа и украа мобилен телефон од врсник.
„Сите четворица, на 12 февруари, во близина на детско игралиште во населбата Нерези, со употреба на сила одзеле мобилен телефон од дете родено 2007 година. Оштетениот го пресретнале кај игралиштето и го нападнале удирајќи го со раце и нозе по главата и телото нанесувајќи му повреди во вид на нагмечување на главата, од кои оштетеното дете изгубило свест. Потоа му го одзеле телефонот од џебот на јакната и избегале. За овие четири деца во судир со законот, кои се повторници во вршење и други кривични дела, по предлог на јавниот обвинител, судот определи мерка притвор оценувајќи дека се исполнети законските основи“, велат од Обвинителството.
Со оглед на чувствителноста на постапките во кои како сторители и оштетени се јавуваат малолетни лица и неопходноста од целосна заштита на нивниот идентитет во текот на постапките, Јавното обвинителство апелира до медиумите и до јавноста за избегнување сензационализми и поголема одговорност при известувањето, коментирањето и споделувањето содржини и информации што се однесуваат на кривични дела сторени од деца.