Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека на Западен Балкан сè уште владеат тензии и ги повика лидерите од регионот да работат на смирување на ситуацијата.
„Мојата главна порака е сите страни да се воздржат од запалива реторика и какви било дејствија кои можат дополнително да ги ескалираат тензиите во регионот“, рече Столтенберг на прес-конференција на 14 февруари, ден пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.
Шефот на Алијансата рече дека е неопходен дијалог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за да напредуваат страните.
„Кога станува збор за Косово, патот напред е дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската Унија. Ги охрабрувам Приштина и Белград да се вклучат со добра волја во тој дијалог“, порача првиот човек на Алијансата.
Видете и ова: Столтенберг: Безбедносната ситуација на Западен Балкан сè уште е кревкаСтолтенберг потсети дека поради насилството минатата пролет во Косово, НАТО го зголеми своето присуство за околу 1000 дополнителни војници.
На министерскиот состанок во Брисел ќе се разговара за воената помош за Украина во борбата против руската агресија, како и за подготовките за претстојниот самит што ќе се одржи во јули во Вашингтон, каде ќе се прослави 75-годишнината од најголемата воена организација.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, го откажа патувањето во Брисел и нема да присуствува на состанокот поради здравствени проблеми. Тој беше хоспитализиран поради проблеми со мочниот меур, но во меѓувреме ја напушти болницата.