Украинската армија соопшти дека уништила голем руски десантен брод во Црното Море во близина на брегот на окупираниот Крим.
„Вооружените сили на Украина заедно со Воената разузнавачка служба (ГУР) го уништија Цезар Куников, голем десантен брод на окупаторите“, соопшти Генералштабот на украинската армија на 14 февруари.
Се наведува дека бродот бил покрај брегот во близина на населбата Алупка кога бил погоден од украински беспилотни летала. Украинскиот информативен портал „Украинска правда“ прв извести за инцидентот.
Русија не ги коментираше украинските тврдења, што не можеше веднаш да биде независно потврдено.
Претходно, во окупираниот Крим, особено во Јалта, Мискор, Алупка и Симеиза, во раните утрински часови на 14 февруари се слушнаа звуци на експлозии од морето, објави Телеграмскиот канал „Кримски ветер“, повикувајќи се на изјави и сведочења на локалните жители.
Видете и ова: Русија потврди дека Украина и оштетила борбен брод во Црното МореСпоред извештаите, голем руски амфибиски брод бил нападнат во близина на одморалиштето Мишор, а друг брод бил испратен во спасувачки операции, додека руските хеликоптери Ми-8 и Ка-27 летаат над морето. Во исто време руското Министерство за одбрана најави пресретнување на шест беспилотни летала над Црното Море.
Претходно, во интервју за „Украинска правда“, командантот на поморските сили на Украина, вицеадмирал Олексеј Неижпапа изјави дека бродовите под знамето на руската морнарица ќе бидат „легитимни цели“ на Украина каде било во светските океани.
На 26 декември 2023 година, како резултат на напад на украинските сили на пристаништето Феодосија на окупираниот Крим, според украинската страна и британските разузнавачки служби, рускиот голем десантен брод „Новочеркаск“ беше уништен.
По нападот на бродот Новочеркаск, британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави дека во изминатите четири месеци биле уништени 20 отсто од руската Црноморска флота. Тој посочи дека доминацијата на Русија во Црното Море сега е доведена во прашање.