Претседателот на Собранието Митрески треба да ги распише претседателските и парламентарните избори

Јован Митрески, претседател на Собранието на РСМ

Претседателот на Собранието Јован Митрески се очекува денеска попладне да ги распише претседателските и парламентарните избори 2024 година. Седмите претседателски избори, според политичкиот договор, треба да се одржат на 24 април, додека на 8 мај ќе се одржат единаесетите парламентарни избори, коишто овој пат ќе бидат редовни. Доколку има втор круг од претседателските избори, тие ќе се совпаднат со парламентарните избори и ќе се одржат на 8 мај.

Според Изборниот законик, откако Митрески ќе ги потпише решенијата за распишување на изборите, тие треба да бидат проследени до Државната изборна комисија (ДИК), која ќе усвои роковници со што почнуваат изборните дејствија.

Кампањата за претседателските избори се очекува да започне на почетокот на април и неколку дена да се совпадне со кампањата за парламентарните избори. Според објаснувањата од ДИК, за двата изборни процеси ќе има посебни роковници за спроведување на изборните дејствија.

Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесување на одлуката за распишување на избори односно од денеска до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Видете и ова: Македонското Собрание ја изгласа техничката влада

Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања се до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Како подготовка за одржување на парламентарните избори на 28 јануари годинава, на 100 дена пред изборите беше формирана техничката Влада чиј претседател е Талат Џафери. Тој со неа ќе раководи до изборот на нова политичка влада.