Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека „не може да има еднострани потези“ кога се во прашање односите меѓу Србија и Косово и дека таквите потези „ќе имаат последици“.
Ескобар ова го изјави по повод одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) дека од 1 февруари еврото ќе биде единствена валута за плаќања и трансакции во Косово, што во пракса значи укинување на српскиот динар.
„Подготвени сме да помогнеме во решавањето на проблемот, но Белград и Приштина мора да се вратат на дијалогот и да ги почитуваат постоечките договори“, изјави Ескобар за агенцијата Танјуг на 13 февруари.
Тој нагласи дека САД целосно го поддржуваат дијалогот за нормализирање на односите под покровителство на Европската унија (ЕУ), дека вложуваат максимални напори тој да продолжи и дека дијалогот е единствениот канал за решавање на „билатералните прашања“.
Видете и ова: ЕП бара од Западен Балкан усогласување на надворешната политика со ЕУ за пристап до средстваСпоред него, многу од овие прашања може да се решат со формирање на заедница на општини со српско мнозинство.
Косово прогласи независност во 2008 година, што Србија одбива да го прифати.
Минатата година Србија и Косово го прифатија договорот за нормализација на односите на предлог на Европската унија и Анекс документот за негова имплементација.
Тој договор, меѓу другото, предвидува воспоставување на одредено ниво на самоуправување за Србите на Косово, односно формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
Последните проблеми на релација Белград - Приштина настанаа откако на 1 февруари стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово, со која се прекина можноста за плаќање во динари.
Србија преку систем на паралелни институции им исплаќа плати, пензии и дополнителна помош на Србите во Косово.
Косовските власти бараат Србите во Косово да отворат сметки во која било од лиценцираните комерцијални банки.
Видете и ова: Сијарто: Србија е подготвена за ЕУ, не треба да се условува со КосовоДржавата Србија потоа може да иницира средства во динари, но тие по пат автоматски се претвораат во евра.
Меѓународните претставници побараа од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата, наведувајќи дека е потребно повеќе време за српската заедница да се прилагоди на таа одлука.
Косовскиот премиер Албин Курти на 12 февруари изјави дека нема да се откаже од одлуката еврото да стане единствена валута за плаќање во Косово, но рече дека ги почитува барањата на меѓународниот фактор во ова прашање.