Сијарто: Србија е подготвена за ЕУ, не треба да се условува со Косово

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто оцени дека Србија е подготвена да влезе во Европската унија (ЕУ), додавајќи дека нејзиното членство не треба да се условува со нормализација на односите со Косово.

Во интервју за хрватската агенција Хина, тој рече дека врзувањето на членството на Србија во ЕУ со нормализацијата на односите со Косово е „неправедно“ кон Белград, бидејќи тоа „не зависи само од Србија“.

„Отуѓувањето на Србија е најлошата можна тактика“, рече Сијарто.

Шефот на унгарската дипломатија изјави дека Србија е подготвена „да влезе во ЕУ утре“ и дека без неа како „најголема и најсилна“ земја на Западен Балкан, нема да има стабилност во региониот.

Видете и ова: Курти: Србија ја остава отворена можноста за „инвазија на Косово“

Зачестената антизападна и антиевропска реторика на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Сијарто ја објаснува со чувство на разочарување поради немањето напредок кон членството и покрај „исполнетите критериуми“.

„Верувам дека пристапот на бирократијата од Брисел треба да се промени кон Србија“, рече унгарскиот министер.

Србија стана земја кандидат за членство во ЕУ во март 2012 година. Таа и денес е со таков статус, а пристапните преговори беа формално отворени во јануари 2014 година.

ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија ќе зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој се одвива под покровителство на Брисел.

Видете и ова: Србите во Северна Митровица протестираат против забраната на динарот

Сијарто рече и дека проектот на ЕУ не е завршен додека сите земји од Западен Балкан не станат негови членки.

„На Брисел му е потребен регионот (на Западен Балкан) повеќе отколку што му е потребен на регионот“, рече тој.

Сијарто најави дека за време на претседавањето со ЕУ во втората половина на оваа година, Унгарија ќе го нагласи забрзувањето на тој процес, бидејќи тоа ќе и даде на ЕУ свежина и нов моментум.