Американскиот Сенат го одобри пакетот помош за Украина

Американскиот конгрес во Вашингтон, САД

По неколкунеделни преговори, Американскиот Сенат го одобри пакетот помош од 95,3 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван.

Законот беше усвоен со 70 гласови „да“ наспроти 29 сенатори кои беа против, во Домот предводен од демократите.

Но, неговата судбина во Претставничкиот дом, под контрола на републиканците, е неизвесна бидејќи поранешниот американски претседател и претседателски кандидат за 2024 година, Доналд Трамп ги повика републиканците да избегнат усвојување закони што ќе му дадат шанса на претседателот Џо Бајден „за законодавна победа“, пренесува ДПА.

„Секако, поминаа години, можеби децении, откако Сенатот усвои нацрт-закон кој толку длабоко влијае не само на нашата национална безбедност, не само на безбедноста на нашите сојузници, туку и на безбедноста на западните демократии“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот, сенаторот Чак Шумер.

Видете и ова: Американскиот Сенат претстави договор за 118 милијарди долари за границите, Украина и Израел

Американскиот претседател Џо Бајден со месеци го повикува Конгресот да побрза со нова помош за Украина и американските партнери во Индо-Пацификот, вклучително и Тајван. По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, тој побара и средства за американскиот сојузник Израел, заедно со хуманитарна помош за Палестинците во Газа. Инаку САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Украинските власти исто така предупредија на недостиг на оружје во време кога Русија продолжува со нови напади. Двата дома на Конгресот мора да го одобрат законот, пред Бајден да го потпише.

Соединетите Држави се сметаат за најважен сојузник на Украина во одбраната од руската инвазија. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, администрацијата на Бајден обезбеди или вети воена помош за Киев во вкупна вредност од над 44 милијарди долари.

Пакетот помош кој сега го усвои Сенатот вклучува околу 61 милијарда долари помош за Украина, од кои повеќето се наменети за воена поддршка. Толку е сумата што Бајден првично ја побара. Нацртот вклучува и 14 милијарди долари за Израел, како и милијарди помош за Тајван и другите индо-пацифички партнери.

Видете и ова: Мишел ги повика САД да обезбедат пари за финансиска стабилност на Украина

Исто така, тој ќе обезбеди хуманитарна помош од 9,15 милијарди долари за цивилите во Газа и Западниот Брег, Украина и другите конфликтни зони низ светот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на американскиот Сенат за гласањето.

„За нас во Украина, континуираната американска помош помага да се спасат животи од рускиот терор. Тоа значи дека во нашите градови, животот ќе продолжи“, напиша Зеленски на платформата X.