Министерот за правда Кренар Лога на предлог на Јавното обвинителство на РСМ ја именуваше Ленче Ристоска за јавен обвинител за врски со Европравда.
Лога и посака успешна работа на Ристоска со желба да се продолжи континуитетот на досегашната соработка со Европравда.
Огласот од страна на Јавното обвинителство беше отворен од декември 2022 година согласно член 112 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја.
„Соработката со Европравда е од исклучително значење за Република Северна Македонија од аспект на борбата со прекуграничен криминал и борбата против тероризмот“, соопшти Министерството за правда.
Видете и ова: Лога - Наскоро ќе биде избран обвинител за врски во Европравда
Европравда преставува прва постојана мрежа на судските власти во светски рамки која придонесува за поефикасна борба со транснационалниот организиран криминал од страна на належните институции. Европравда има за цел да ја подобри соработката помеѓу надлежните тела преку овозможување на меѓународна взаемна правна помош и преку имплементација на барањата за екстрадиција.
Исто така Европравда обезбедува соработка при истрагата и работата на обвинителствата помеѓу компетентните тела во земјите членки и земјите кандидати на ЕУ од областа на прекуграничниот и организираниот криминал.