Ерменија соопшти дека четворица нејзини војници биле убиени од азербејџанските сили

илустрација

Четворица ерменски војници беа убиени, а уште еден ранет на 13 февруари на еден од јужните делови на границата меѓу двете земји, соопшти ерменското Министерство за одбрана, во првиот инцидент кој се случува по неколку месеци примирје.

Министерството соопшти дека азербејџанските вооружени сили отвориле оган во 5:30 часот врз позиција на ерменската армија во правец на селото Неркин Ханд во провинцијата Сјуник.

„Единиците на вооружените сили на Азербејџан отворија оган од оружје врз ерменски борбен пункт во близина на селото Неркин Ханд“, соопшти Министерството за одбрана на Ерменија.

Ерменските власти не соопштуваат други детали, но Хачатур Багдасаријан, градоначалник на Неркин Ханд, за ерменскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека ситуацијата во селото е напната.

Видете и ова: Ерменија е подготвена да ги продолжи преговорите со Азербејџан со посредство на ЕУ

Како одговор, Државната гранична служба на Азербејџан информираше дека азербејџанските сили „целосно ја уништиле“ ерменската гранична станица во Неркин Ханд за време на „операцијата одмазда“, откако Баку ги обвини ерменските војници дека отвориле оган на позицијата на 12 февруари во областа Зангелан, тврдејќи дека дека е ранет азербејџански граничен чувар.

Ерменија ги негираше обвинувањата како „дезинформации“.

Последниот инцидент следи по драматичното намалување на прекуграничните престрелки меѓу двата кавкаски соседи од минатата есен, кога Азербејџан ја врати целосната контрола врз отцепениот регион Нагорно-Карабах во 24-часовна воена офанзива на 19 и 20-ти септември и принуди повеќе од 100 000 етнички Ерменци да го напуштат регионот, оставајќи го практично напуштен.

Повеќе од два месеци не е забележано ниту едно прекугранично пукање од двете страни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Азербејџан ги апси ерменските лидери во Нагорно Карабах, од кој се иселија сите Ерменци

Кон крајот на минатиот месец, високи ерменски и азербејџански претставници одржаа директни разговори за демаркацијата на ерменско-азербејџанската граница, клучна пречка за сеопфатен мировен договор меѓу двете нации.

И Ерменија и Азербејџан рекоа дека се подготвени да потпишат мировен договор што ќе стави крај на нивното повеќедецениско непријателство, но и двете страни меќусебно се обвинуваат за застој.