Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден го повтори својот итен повик за заштита на цивилното население, додека израелската армија се подготвува да го нападне градот Рафа во Појасот Газа.
Бајден рече дека цивилите во Рафа во Појасот Газа се „изложени и ранливи“ и мора да бидат заштитени.
Израел мора да направи „веродостојни“ напори за заштита на повеќе од милион Палестинци во јужниот град Газа, рече тој.
Рафа беше под силни израелски воздушни напади во последните денови, со одреден број жртви. Палестински лекар изјави за Би-Би-Си дека луѓето во Рафа живеат во страв.
Минатата недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека им наредил на војниците да се подготват за проширување на нивната копнена операција во Рафа. Тој вети дека ќе ги победи вооружените лица на Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, кои се кријат во градот.
Шефот на ОН за човекови права Волкер Турк рече дека секој напад би бил „застрашувачки“ и дека многу цивили „веројатно ќе бидат убиени“.
Видете и ова: Нетанјаху ветува „безбеден премин“ за Палестинците пред операцијата во РафаПовеќе од половина од населението на Појасот Газа од 2,3 милиони сега се во градот на границата со Египет, во кој живееја само 250 000 луѓе пред да избие војната меѓу Израел и Хамас во октомври.
Многу од раселените луѓе живеат во импровизирани засолништа или шатори во лоши услови, со мал пристап до безбедна вода за пиење или храна. Во неделата израелската армија објави дека двајца заложници биле спасени за време на рација во Рафа.
Претседателот Бајден повторно апелираше за заштита на цивилите во Рафа по средбата со јорданскиот крал Абдула во Вашингтон во понеделникот. Тој рече дека секоја голема воена операција во градот „не треба да се одвива без веродостоен план за обезбедување на безбедноста“ на оние што живеат таму.
„Многу луѓе таму беа раселени повеќе пати, бегајќи од насилството на северот и сега се сместени во Рафа, изложени и ранливи. Тие мора да бидат заштитени“, рече Бајден.
Американската влада уште од самиот почеток јасно стави до знаење дека се противи на какво било принудно протерување на Палестинците од Појасот Газа.