Американскиот министер за одбрана го откажа патувањето во Брисел поради нова потреба за негова хоспитализација

Лојд Остин, министер за одбрана на САД (Илустративна фотографија)

Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин го откажа патувањето во Брисел каде што требаше да учествува на состаноци со други министри за одбрана на НАТО, изјави официјален претставник во понеделникот, откако шефот на Пентагон беше примен во одделението за критична нега и мораше да ги пренесе своите должности на неговиот заменик.

Остин (70) бил однесен во Воениот медицински центар Волтер Рид во неделата поради „симптоми што укажуваат на итен проблем со мочниот меур“. Остин поради компликации со ракот на простата отсуствуваше и во текот на декември минатата година, а потоа и кон почетокот во јануари.

Остин требаше да замине на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел што ќе се одржи во четврток и на посебен состанок со сојузниците во среда, на кој ќе се разговара за тоа како да продолжи да се поддржува Украина во спротивставувањето на руската инвазија.

Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека состанокот за потребите на одбраната на Украина, познат како контакт група за Украина, ќе се одржи практично, пишува Ројтерс.

Видете и ова: Американскиот министер за одбрана Остин повторно хоспитализиран, должностите ги пренел на заменикот

Не е јасно колку долго Остин ќе остане во болница, но тој ги префрли своите должности на заменик-секретарот за одбрана Кетлин Хикс.

Тајноста на Остин за време на неговите хоспитализации во декември и јануари предизвика политички метеж. Републиканците го обвинија за прекршување на должноста. Претседателот Џо Бајден, демократ, рече дека има доверба во Остин и покрај тоа што се согласи дека направил пропуст што не го известил дека боледува од рак на простата.

Претходно овој месец, Остин се извини што не им кажал на Бајден и на високиот персонал за неговата дијагноза, додавајќи дека овој здравствен удар кој го доживеал му било тешко да го прифати.