Германскиот канцелар најави исполнување на целта од два отсто од БДП за НАТО

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети производствената линија на идната локација на фабриката за оружје каде што производителот на оружје „Рајнметал“ планира да произведува артилерија од 2025 година, во Унтерлуес, Германија, на 12 февруари 2024 година.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на 12 февруари изјави дека одбранбените компании можат да сметаат на неговата влада дека таа ќе ги зголеми воените трошоци и ќе ја исполни обврската да издвои два отсто од брутодомашниот производ (БДП) за одбраната на НАТО, пренесува Ројтерс.

Шолц ја даде оваа изјава откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп во последните денови предизвика бес кај сојузниците на САД, сугерирајќи дека САД можеби нема да ги заштитат членките на НАТО кои не трошат доволно за одбрана од потенцијална руска инвазија.

Додека беше на функцијата, Трамп јавно ги критикуваше земјите кои не ја исполнија целта на НАТО алијансата да потрошат два отсто од бруто домашниот производ за одбрана.

Шолц рече дека германската и европската одбранбена индустрија мора да се префрлат на масовно производство на оружје, бидејќи, како што нагласи „војната во Украина откри како европските производители се борат да ја задоволат побарувачката за муниција“.

Во понеделникот, Шолц ја посети локацијата на идната фабрика за оружје на Рајнметал во централна Германија.

„Мораме да направиме чекор од производство до масовно производство на одбранбена опрема“, рече Шолц.

Видете и ова: Шолц и Бајден ги повикаа американските пратеници да одобрат воена помош за Украина

„Не само САД, туку и сите европски земји мора да направат уште повеќе за да ја поддржат Украина. Ветувањата дадени досега не се доволни. Само силата на Германија не е доволна“, рече тој.

Германскиот канцелар рече дека воената и германската одбранбена индустрија сега можат да се потпрат на посветеноста на Берлин за исполнување на целта на НАТО за трошоците за одбрана од два отсто.

„Тоа е итно потребно. Суровата реалност не принудува да го направиме тоам, не живееме во време на мир“, додаде Шолц.

Тој посочи и дека европските земји мора да ги консолидираат своите нарачки за оружје за да и помогнат на индустријата да ги исполни долгорочните обврски.

Рајнметал, еден од најголемите светски производители на артилерија и противтенковски гранати, почна да го зголемува производството откако руската инвазија на Украина го откри недостигот и ги остави европските производители да се обидуваат да ја задоволат побарувачката.

Видете и ова: На самитот в четврток европските лидери ќе ветат продолжување на воената поддршка за Украина

„Изградбата на нашата нова фабрика е директен резултат на променливите времиња“, рече извршниот директор на Рајнметал, Армин Папергер.

Новата фабрика, чие производство се очекува да зпаочне следната година, ќе придонесе да се произведуваат околу 200.000 артилериски гранати секоја година.

Рајнметал објави дека планира да инвестира 300 милиони евра и да отвори околу 500 нови работни места.

Оваа компанија има за цел да може да ја покрие побарувачката на Бундесверот за муниција од германско производство и исто така да гарантира испорака до земјите партнери во случај на криза.