Вујкото на Махса Амини во затвор поради поддршка на иранските демонстранти

Демонстранти држат фотографии од Махса Амини за време на протест и во Турција (Архивска фотографија).

Вујкото на Махса Амини, Иранката која почина додека беше во полициски притвор поради наводно кршење на нејзиниот хиџаб, осуден е на доживотен затвор за коментарите што ги дал за протестите предизвикани токму поради смртта на неговата внука кои го критикуваа исламскиот режим.

Сафа Аели, според Хенгав, група која внимателно ги следи кршењата на човековите права во Иран, беше осуден од огранокот „1“ на Исламскиот револуционерен суд во западниот град Сакезто на вкупно пет години, четири месеци и 17 дена затвор под обвинение за „учество во собир и заговор против внатрешната безбедност“, „пропаганда против системот“ и „навреда на лидерот на Исламската Република“.

Аели беше уапсен од безбедносните сили во рација во неговиот дом на 21 септември, пред првата годишнина од смртта на Махса Амини, што предизвика широки немири низ земјата.

Хенгав рече дека бил „брутално нападнат“ за време на неговиот 42-дневен притвор пред да биде ослободен со кауција.

Според Хенгав, најстрога казна е обвинението за заговор, за што е осуден на три години, шест месеци и еден ден. Според иранскиот закон, таа казна ќе биде единствената извршена.

Хенгав додаде дека една третина од казната за заговор е условна на три години, под услов Аели да се воздржи од дружење со кој било уапсен за време на септемвриските комеморации на годишнината од смртта на Махса Амини. Тој исто така мора да се пријави во Разузнавачката служба и да помине три образовни, етички и религиозни курсеви.

Видете и ова: Макса Амини и иранското движење „Жени, живот, слобода“ ја добија европската награда Сахаров

Тензиите меѓу владата и семејствата на убиените или уапсените во протестите ширум земјата се зголемија во месеците пред и веднаш по првата годишнина од смртта на Махса Амини.

Владата беше обвинета за зголемен притисок врз семејствата на жртвите преку колективни апсења.

Извештаите покажуваат дека на годишнината од смртта на Махса Амини, безбедносните сили го спречиле нејзиното семејство да го посети нејзиниот гроб.

Јавниот бес поради нејзината смрт нашироко се сметаше за една од најголемите закани за свештеничкиот естаблишмент во Иран, уште од основањето на Исламската Република во 1979 година.

Најмалку 500 луѓе се убиени низ целата земја откако властите ја започнаа сегашната акција против нејзините поддржувачи, а илјадници беа приведени или малтретирани.