Техничкиот премиер Талат Џафери од тетовско Селце најави дека денеска (12 февруари) ќе оди во Собранието, и оти ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор.
Според најавата на Џафери, можно е некаде да се интервенира со законска измена, а некаде со одлука на Владата.
„Секако дека размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме и соодветна одлука, имајќи предвид дека денеска треба да одам во Собранието поради други обврски. Секако веќе е искоординирано е да имаме заедничка средба, значи со Собранието, со пратениците и евентуални решенија да ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија преку одлука на Влада, она што е соодветно и можност да се спроведе и да се изведе, и да ги согледаме сите можности. Секако, работиме на тоа и ќе има соодветна одлука и решение за прашањето коешто се актуелно“, истакна Талат Џафери на новинарските прашања по настанот во тетовско Селце.
Видете и ова: МВР: Од 13 февруари ќе важат само возачките со новото уставно имеСпоред процените на Џафери, ќе се согледаат сите аспекти и во зависност од можностите ќе се употребат решенија.
„Треба да ги согледаме сите аспекти. Таму кај што е можно продолжение на рокот да се продолжи, таму кај што има потреба од друг вид на одлука и решение, да се спроведат други одлуки“, рече Џафери.
Инаку на полноќ (12 февруари) истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата.
Од Министерството за надворешни работи информираа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.
Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.