Борел: НАТО не може да зависи од расположението на американскиот претседател

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

НАТО не може да зависи од расположението на американскиот претседател, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Трамп рече дека ако биде реизбран, Соединетите Држави можеби нема да ги бранат членките на НАТО од потенцијална руска инвазија доколку не платат доволно за сопствената одбрана и всушност би ги „охрабрил“ Русите да прават „што сакаат, по ѓаволите“.

„Ќе бидам саркастичен, во таа кампања ќе слушнеме и видиме многу работи“, рече Борел.

„НАТО не може да биде воен сојуз „по избор“ ниту да зависи од расположението на американскиот претседател. Не може еден ден да биде „да“, а друг ден „извинете, кој бевте вие“. Да бидеме сериозни! НАТО или постои или не. Нема да губам време коментирајќи ја секоја глупава идеја што може да се слушне во оваа кампања“, рече Борел мислејќи на кампањата за претседателските избори во САД.

Видете и ова: Европските лидери и Белата куќа ги осудуваат коментарите на Трамп за Русија и НАТО

Коментарите од Трамп доаѓаат додека тој се обидува да стане републикански кандидат за претседателските избори во ноември на кои треба да се соочи со демократскиот претседател Џо Бајден.

За време на неговиот претседателски мандат, Трамп често изразуваше сомнежи за потребата од НАТО и постојано се закануваше дека ќе се повлече од Алијансата доколку членките не го платат она што тој го сметаше за нивен праведен удел за нивната одбрана.