На полноќ (12 февруари) истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.
Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.
МВР вчера соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име. Личните карти, ќе важат и по 13 февруари, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.
Во саботата, преку циркуларно писмо испратено до сите грчки Министерства, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, „потсетува дека на 12 февруари 2024 година истекува петгодишниот „технички“ преоден период предвиден во член 1, став 10 од Договорот од Преспа“ во однос на и документите за меѓународна употреба на Северна Македонија.
Видете и ова: Дијаспората и по 12 февруари ќе може да се врати со патен листГрчки извори за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека циркуларот е испратен до сите грчки Министерства и објаснуваат дека станува збор за информативен, внатрешен допис што има за цел да ги потсети дека важноста на документите со старото име е до 12 февруари.
Шефот на грчката дипломатија посочува дека регистарските таблички на возилата треба да ја имаат ознаката „NMK“ или „NM“.
До сите 19 министерства апелира да ги преземат сите потребни дејствија за да ги информираат Секретаријатите, Директоратите и службите, како и управите, организациите и сл. под нивна надлежност.
Видете и ова: МВР: Од 13 февруари ќе важат само возачките со новото уставно имеАмбасадорот на Белгија за Северна Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“, најави дека работна група во ЕУ идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија. Мерис оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.