Израелската армија објави дека ослободила двајца заложници за време на рацијата на нејзините специјални сили ноќта на 11 февруари во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Заложниците биле пренесени во болницата Шеба во централниот дел на Израел, каде што биле прегледани и утврдено е дека се во добра состојба.
Во објава на социјалните мрежи, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека за време на ноќната „заедничка операција на ИД, ИСА (Израелската безбедносна агенција или Шин Бет) и израелската полиција, двајца израелски заложници биле спасени од Кибуц Нир Јицак: Фернандо Симон Марман (60) и Луис Хар (70)“.
Според соопштението на армијата, тие биле киднапирани на 7 октомври минатата година во напад на Хамас, организација која САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на мрежата Х објави дека станува збор за „импресивна операција за ослободување“. Тој додаде дека акцијата ја следел од Командниот центар заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху и високи воени команданти.
„Тоа беше многу сложена операција“, изјави портпаролот на израелската армија, полковник Ричард Хехт.
Видете и ова: Израелски ракетни напади врз Рафа, има жртви„Долго работиме на оваа операција. Ги чекавме соодветните услови“, изјави тој и рече дека заложниците се чуваат на вториот кат од зградата во која израелските сили упаднаа под силен оган од соседните згради.
„Многу сум среќен што можам да објавам дека оваа ноќ двајца ослободени заложници слетаа овде во Медицинскиот центар Шеба, најголемата израелска болница“, рече проф. Арнон Афек, директор на општата болница Шеба.
Тие се примени во нашата Итна помош, а првите прегледи ги направи нашиот персонал од Брзата помош и тие се во стабилна состојба и се згрижени“, рече тој.
За време на инвазијата на јужен Израел во октомври, милитантите на Хамас, која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка организација, убија околу 1200 луѓе, а околу 240 од нив киднапираа и ги одведоа во Газа.
Видете и ова: Бајден: Одговорот на Израел кон Газа е прекумеренОдговорот на Израел на нападот на Хамас предизвика големи разурнувања во Газа. Палестинското Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, објави дека од 7 октомври досега се убиени повеќе од 27 500 луѓе.
Најмалку 60 луѓе загинаа вечерта на 11 февруари во израелското гранатирање на Рафа, град кој се наоѓа на самиот југ од Појасот Газа и во близина на египетската граница.
Во последните месеци, Рафа стана град во кој се населиле повеќето палестински бегалци кои останале без домови по израелското бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа, а според проценките на ОН, во него моментално има 1,4 милиони луѓе. .
Нападот на Рафа се случи иако Хамас претходно најави во текот на денот на 11 февруари дека офанзивата врз тој град ќе го уништи секој договор во врска со ослободувањето на заложниците кои се уште се во заробеништво од 7 октомври минатата година.
Соединетите Држави, главниот сојузник на Израел, исто така се изјаснија против офанзивата во Рафа.