Поранешниот премиер и кандидат на десниот центар стана претседател на Финска

Александар Стуб, новоизбраниот претседател на Финска, 25 јануари 2024 г.

Поранешниот премиер Александар Стуб стана нов претседател на Финска, откако во неделата на 11 февруари во вториот круг од изборите во таа земја го победи поранешниот министер за надворешни работи Пека Хависто во неизвесна трка меѓу двајца искусни политичари.

Најважната задача на новиот шеф на државата ќе биде управувањето со надворешната и безбедносната политика на оваа нордиска земја, откако стана членка на НАТО алијансата, по руската инвазија на Украина.

Со преброени повеќе од 99 отсто од гласовите, кандидатот на десниот центар Стуб, од конзервативната Национална коалициона партија, доби 51,6 отсто од гласовите, додека независниот кандидат Хависто, од зелената левица, 48,4 отсто.

Видете и ова: Финците избираат претседател во новото геополитичко опкружување

Стуб (55), кој беше премиер во 2014 и 2015 година и ја започна својата кариера како пратеник во Европскиот парламент, ќе стане 13-ти претседател на Финска од независноста на земјата од Руската империја во 1917 година.

Избирачките места низ земјата беа затворени во осум часот по локално време.

Хависто (65) го призна поразот откако проекцијата на финскиот јавен радиодифузен сервис YLE предвиде победа за Стуб по девет часот по локално време. Тој се ракуваше со Стуб и му честиташе во градското собрание на Хелсинки, каде кандидатите и медиумите ги следеа додека пристигаа резултатите.

Стуб и Хависто беа главните кандидати на изборите на кои повеќе од четири милиони граѓани со право на глас го избраа наследникот на исклучително популарниот претседател Саули Нинисто, кој немаше право на реизбор и чиј шестгодишен мандат истекува во март.

Ниту еден од деветте кандидати не доби повеќе од половина од потребните гласови во првиот круг од изборите на 28 јануари, при што Стуб и Хависто добија околу една четвртина од гласовите.

Првичните податоци покажаа излезност од 70,7%, што е помалку од првиот круг, во кој таа беше 75%.

Стуб и Хависто главно се согласија за клучните надворешнополитички прашања, поврзани со „тврдата линија“ кон Москва и сегашното руско раководство, како и потребата од воена и цивилна помош за Украина.

Видете и ова: Се води ли „хибридна војна“ со приливот на илегални мигранти на границата од Русија до Финска?

За разлика од повеќето европски земји, претседателот на Финска ја држи извршната власт во свои раце и заедно со владата формира надворешна и безбедносна политика, особено во однос на земјите надвор од Европската унија, како што се САД, Русија и Кина.

Претседателот е, исто така, врховен командант на војската – особено важна улога во сегашната европска безбедносна средина и наелектризираната геополитичка ситуација во Финска, која се приклучи на НАТО во април 2023 година, нешто повеќе од една година по руската инвазија на Украина.