Од 13 февруари, ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на 11 февруари.
Според соопштението оттаму, доколку некој управува возило и има возачка дозвола со старото уставно име, ќе биде казнет.
„Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, наведува МВР.
Задолжителни се и регистарските таблици со кодот НМК. Оние граѓани кои имаат со стариот код МК, може да ги заменат со нови или, пак, да стават налепница. Новите таблички заедно со нова сообраќајна дозвола чинат 2 336 денари, а налепниците се бесплатни. Нив граѓаните може да ги подигнат во станиците за технички преглед. Таму, објаснуваат од МВР, граѓаните треба да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата ќе им бидат залепени налепници.
Видете и ова: Дијаспората и по 12 февруари ќе може да се врати со патен листЛичните карти ќе важат, но не се знае дали ќе се патува со нив во регионот
Она што останува да важи за домашна употреба со старото уставно име се личните карти, како и сообраќајните дозволи. Меѓутоа, ако граѓаните сакаат да патуваат надвор од државата ќе треба да ја сменат и сообраќајната дозвола. Со лични карти, пак, може да се патува во земјите од регионот – Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, дали тие земји ќе ги прифатат личните карти со старото уставно име ќе зависи од нив.
„За излез од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти“, велат од МВР.
На граница секој граѓанин ќе биде примен без разлика на пасошот
За пасошите, пак, веќе е познато дека од утре на полноќ односно 99 часот на 13 февруари, ќе важат само оние што се името Република Северна Македонија.
„Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа“, велат од МВР.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава, издадени се 1 297 447 пасоши. Бројот на издадени лични карти, пак, е 1 112 703, а на возачки дозволи е 575 844.
Државјаните на Северна Македонија кои ќе бидат затекнати во странство, а имаат пасоши со старото уставно име во земјава може да се вратат со патен лист кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва на државата.
Видете и ова: Во ЕУ ќе се расправа за пасошите на Северна Македонија, најави МерисМинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 9 февруари, рече дека разговара на билатерална основа со другите држави да бидат флексибилни и да им излезат во пресрет на граѓаните кои ќе се затекнат во странство со пасош со старото уставно име. Но, дали ќе има флексибилност или сепак, ќе биде неопходен патен лист ќе зависи од секоја земја поединечно.
Амбасадорот на Белгија во Северна Македонија, Фредерик Мерис, во интервју за „Независен“ најави дека во текот на следната недела работна група во ЕУ ќе го разгледува ова прашање и ќе се работи на тоа да се утврди заедничка позиција на земјите-членки на Унијата околу пасошите.
Обврската да се сменат личните документи за меѓународна употреба со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор потпишан во јуни 2018 година. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година и во него беше предвидено рок од пет години за промена на документите.