Работна група во ЕУ идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија, најави амбасадорот на Белгија во Северна Македонија, Фредерик Мерис.
Тој во интервју за „Независен“, објавено на 11 февруари, оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.
„Не знаеме се уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, се уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на неделава што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме“, вели Мерис.
Видете и ова: Дијаспората и по 12 февруари ќе може да се врати со патен листУтре (12 февруари) на полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и сите документи за меѓународна употреба (вклучувајќи ги возачките и сообраќајните дозволи) што го содржат старото име на државата.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 9 февруари, рече дека разговара на билатерална основа со другите држави да бидат флексибилни и да им излезат во пресрет на граѓаните кои ќе се затекнат во странство со пасош со старото уставно име. Она со што може да се вратат граѓаните назад се патни листови кои се издаваат до дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија.
„Тоа што забележувам е дека имаат паника меѓу граѓаните дека ќе може да ги изгубат работните места, дозволите за привремен престој и затоа има наплив, посебно во Германија. Нема простор за паника затоа што МНР се организираше да им излезе во пресрет на граѓаните каде и да се“, рече Османи на 9 февруари.
Тој најави двосменско и работење за време на викенд во амбасадите и конзулатите за примање апликации и фотографирање за пасоши, како и испраќање на две мобилни станици – во Германија и Италија. Исто така, Османи рече дека се разгледува и опцијата да се воведе електронско аплицирање за патен лист, како и поставување дипломати на одредени аеродроми од каде директно ќе може да се издаваат патни листови за оние кои треба да се вратат во Северна Македонија, а немаат пасош со новото уставно име.
За престанокот на важноста на пасошите со старото уставно име, МНР досега не ги извести другите држави, а нема ни да го направи тоа бидејќи шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека државата нема таква обврска. Грција го направила тоа, но Османи вели дека „важно е нашето известување“.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава, издадени се 1 297 447 пасоши. Бројот на издадени лични карти, пак, е 1 112 703, а на возачки дозволи е 575 844.