Двете најголеми партии во актуелниот парламентарен состав, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се уште калкулираат и ги мерат рејтинзите на повеќе имиња за претседателски кандидат за изборите што треба да се одржат на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг).
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има распишано оглас кој завршува на 21 февруари, а се очекува на партиска конвенција на 2 март да го избере својот кандидат за шеф на државата. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, вели дека независно од тоа, тие во моментов мерат рејтинзи на не повеќе од три имиња.
„Ние како политичка партија независно од огласот мериме имиња. Можам да кажам дека се не повеќе од три во моментот, но огласот е отворен и тоа е независен процес од анализата која што ја прави партијата. Секој оној кој ќе ги исполни условите ќе биде дел од конвенцијата за избор на претседателски кандидат кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и претседател на Македонија“, изјави Мицкоски на 11 февруари.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, не откри колку имиња се во игра и вели оти се предложени „повеќе еминентни можни кандидати“.
Видете и ова: Билјана Ванковска е претседателски кандидат од ЛевицаОд општинските организации на партијата, како што рече вчера, меѓу предложените е и актуелниот претседател Стево Пендаровски, а има предложени и други поранешни претседатели на државата и на СДСМ, поранешни секретари на партијата, како и поранешни судии.
„Не можам да ви кажам точно колку можни кандидати се предложени затоа што ги немам бројките пред мене. Тие се собираат во секторот на организацискиот секретар… Тоа што можев да го видам од она што го имаме добиено на располагање од општинските организации, само потврдува дека СДСМ е голема партија, партија која располага со врвен кадровски потенцијал и која секогаш ги има најдобрите кандидати за сите позиции“, изјави Ковачевски на 10 февруари.
Од парламентарните партии досега единствено Левица веќе го промовираше својот претседателски кандидат. На 7 февруари, како кандидатка тие ја претставија професорката Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет во Скопје и најавија дека ќе почнат со собирање на потребните 10 000 потписи за нејзината кандидатура.
Во претседателската трка се очекува да влезат и кандидати од останатите партии, меѓу кои од Европскиот сојуз за промени – коалиција во која се обединија опозициските партии од албанскиот блок, како и дел од партиите кои во моментов не се застапени со свои пратеници во парламентот.
Покрај претседателски избори, на 8 мај заедно со вториот круг, гласачите во Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, според најавите, ќе ги распише изборите на 14 февруари, а кампањата треба да започне на почетокот на април.