Украинските одбранбени претставници во неделата објавија дека руските сили во окупираните области на источна Украина ги користат терминалите на сателитскиот интернет сервис „Старлинк“ на Илон Маск.
Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана на Телеграм објави аудиоснимка од пресретнат разговор меѓу двајца руски војници, наведувајќи дека тоа е доказ оти „Страрлинк“ се користи „системски“, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Компанијата „Спејс Икс“, која управува со терминалите „Старлинк“, на 8 февруари на платформата Икс соопшти дека „не соработува на кој било начин со руската влада или нејзината војска“ и дека нејзиниот сервис не работи во Русија.
Видете и ова: Петте најбогати луѓе во светот го удвоиле своето богатствоРазузнавачката агенција соопшти дека на аудиоснимка објавена на Телеграм, се слушаат војници од 83-та воздушно-јуришна бригада на Русија како разговараат за поставување терминал во источна Украина.
Во соопштението не се дадени детали за степенот на наводната употреба или како се добиени терминалите. Портпаролот Андриј Јусов во саботата изјави за украинските медиуми дека употребата на „Старлинг“ „почнува да добива системски карактер“.
„Старлинк“ е мрежа од повеќе од 2 000 сателити кои орбитираат околу Земјата во комуникација со илјадници терминали на земјата. Тој беше активиран низ Украина кон крајот на февруари 2022 година, откако интернет услугите беа прекинати поради руската инвазија.
Присуството на „Старлинк“ во Украина се покажа како непроценливо не само за борбите во првите редови, туку и за обновувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура која е мета на Русија. Сепак, остануваат прашањата за тоа колку е посветен неговиот сопственик, милијардерот Илон Маск, да ги поддржи воените напори на Украина.
Маск рече дека спречил украински напад врз руската поморска база во 2022 година со тоа што го отфрлил барањето на Киев да го активира пристапот до Интернет во Црното Море во близина на Крим, кој е анектиран од Русија.
Тоа откритие во септември 2023 година предизвика остра осуда од Михаило Подољак, висок помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека тоа е „цената на коктел од незнаење и големо его“.
Инцидентот за кој станува збор се однесува на планот на Украина кон крајот на минатата година да ја осакати руската Црноморска флота со седиште во Севастопол.
Маск на почетокот на септември на мрежата Икс објави дека украинските власти испратиле барање за „активирање на ’Старлинк‘ до Севастопол“.
„Ако се согласев со нивното барање, тогаш „Сепјс Икс“ експлицитно ќе беше соучесник во голем чин на ескалација на војна и конфликт“, рече Маск тогаш.