Во четири општини на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, се појавија графити со натпис „Кога војската ќе се врати во Косово, живее Северната бригада“.
Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа изјави дека обвинителството покренало случајот поради „ширење омраза“.
Тој додаде дека засега не се знае кој ги пишува овие графити.
Владата на Косово на крајот на јуни 2023 година ја прогласи организацијата Северна бригада, заедно со Цивилната заштита, за терористичка.
Се верува дека овие две организации дејствуваат на северот на Косово и бројат стотици членови од редовите на српската заедница.
Видете и ова: Што се „Цивилна заштита“ и „Бригада север“, кои Косово сака да ги прогласи за терористички?Ова не е прв пат Северната бригада да потпишува графити на северот на Косово, а на некои од нив пишува „Не грижи се, тука сме, чекаме“.
Десетина дена пред нападот на косовската полиција извршен од вооружена група Срби во градот Бањска кај Звечани, графитот „Кога војската ќе се врати на Косово“ се појави и во Северна Митровица.
Од средината на минатата година низ градовите ширум Србија се појавуваат графит со идентичен натпис, а го направија навивачи на фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда.
Новите графити на северот на Косово се појавија поради незадоволството на српската заедница по одлуката на косовската Централна банка еврото да стане единствено платежно средство, а со тоа да се укине српскиот динар. Србите од Косово имаат различни приходи од српскиот буџет, токму во динари.
Од крајот на јануари косовските власти затворија и седум Привремени општински органи, кои паралелно со косовските работат во српскиот систем.
Меѓународната заедница го повика Косово да не носи одлуки кои негативно се одразуваат на српската заедница во Косово бидејќи тие би можеле да подгреат тензии.
Западните земји побараа да се решат сите отворени прашања во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.