Русија ќе прави црна листа со јутјубери кои не се приклучуваат на платформа поддржана од Кремљ

Архивска фотографија

Русија планира да направи црна листа на блогери од Јутјуб кои одбиваат да се приклучат на алтернативната платформа поддржана од Кремљ, бидејќи се обидува да ја зајакне контролата врз информациите.

Александар Малкевич, член на Граѓанската комора на Русија, на конференцијата на 10 февруари, посветена на темата за блогирање, рече дека списокот ќе ги таргетира оние поединци кои се фокусираат на руската публика.

Тој рече дека листата треба да се користи како основа за преземање „мерки“ против такви поединци, но не откри што може да вклучуваат таквите мерки.

Видете и ова: Aпликација за владеење со сите, наскоро на интернет во Русија

Малкевич рече дека црната листа ќе биде првиот од многуте чекори што ќе се преземат за да се принудат руските блогери да се префрлат на платформата која е под контрола на Кремљ.

Русија лансираше алтернатива на Јутјуб (Youtube) наречена Рутјуб (Rutube) и многумина велат дека Кремљ на крајот би можел да го забрани Јутјуб, платформа со седиште во САД, откако ќе добие доволно свои граѓани на домашната алтернативна платформа.

Јутјуб и другите американски платформи за социјални медиуми како Фејсбук и Инстаграм му беа трн во окото на рускиот претседател Владимир Путин.

Откако дојде на власт пред речиси четвртина век, 71-годишниот Путин се повеќе се обидува да контролира што Русите читаат, гледаат и слушаат.

Националните телевизиски станици, новински портали и големи весници кои се во сопственост или на државата или на тајкуни пријателски настроени кон Кремљ, цензурираат материјали неповолни за Путин.

Сепак, рускиот лидер нема контрола врз материјалите на западните платформи и тие станаа спас за гласот на руска опозиција.

Јутјуб веројатно беше најмоќната од западните платформи во борбата против пропагандата на Кремљ.

Затворениот опозициски лидер Алексеј Навални ја искористи платформата за објавување на истрагите на неговиот тим за корупција во највисоките нивоа на власта, вклучително и за Путин и поранешниот премиер Дмитриј Медведев.

Истражувачките видеа на Навални собраа стотици милиони прегледи низ годините.