Украина тврди дека соборила 40 дронови во последниот руски напад

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба со новите воени команданти, Киев, 10 февруари 2024 г.

Руската војска започна уште еден бран напади со беспилотни летала против цели во Украина, вклучително и главниот град, соопштија украинската војска и официјални лица рано во неделата.

Последните напади уследија по смртоносниот напад со беспилотно летало еден ден претходно врз Харкив, вториот по големина град во Украина на истокот на земјата и блиску до границата со Русија, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Русија изведува нови напади бидејќи Киев се соочува со потенцијално намалување на воените резерви на САД, бидејќи републиканските пратеници го блокираат пакетот помош од 61 милијарда долари поради барањата за длабоки промени во политиката за безбедноста на американската граница.

Воздухопловните сили на Украина на Телеграм објавија дека нивните системи за противвоздушна одбрана уништиле 40 од 45 дронови „Шахед“ лансирани од Русија во текот на ноќта, од кои, наводно, многу биле насочени кон пристанишната инфраструктура на југот на земјата.

„Воздушната тревога во главниот град траеше речиси два часа“, изјави на Телеграм шефот на воената администрација на Киев, Сергеј Попко.

Попко рече дека се уништени сите беспилотни летала над Киев. Според првите извештаи, нема жртви или материјална штета во Киев и неговата околина.

Системите за противвоздушна одбрана уништија 26 руски беспилотни летала Шахед над неколку јужни региони, соопшти јужната воена команда на Украина на Телеграм, додавајќи дека регионот на Миколаев во близина на Црното Море претрпел некои од најтешките напади.

Најмалку еден цивил е повреден во нападот во јужна Украина, соопшти армијата.

Станбени згради и гасовод во Миколаев се оштетени при падот на парче од соборено беспилотно летало и експлозијата што следеше, соопшти воената команда.

Четири беспилотни летала беа соборени над црноморското пристаниште Одеса, соопшти војската.

Еден ден претходно, најмалку осум лица загинаа, а неколку беа ранети во руските напади, кои исто така ја оштетија пристанишната инфраструктура клучна за извозот на храна, соопштија воени и регионални претставници.

Во напад со беспилотно летало врз складиште за гориво во источниот град Харкив загинаа седум лица, меѓу кои три деца, а уште три беа ранети, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов.