Финците избираат претседател во новото геополитичко опкружување

Хависто и Стуб се ракуваат за време на дебата пред првиот круг од изборите на 28 јануари 2024 година.

Гласачите во Финска оваа недела избираат меѓу двајца искусни политичари да бидат нивниот следен претседател, чија главна задача ќе биде да управува со надворешната и безбедносната политика на земјата која стана членка на НАТО по руската инвазија на Украина.

Околу 4,3 милиони гласачи ќе треба да изберат меѓу 55-годишниот поранешен конзервативен премиер Александар Стуб и 65-годишниот поранешен министер за надворешни работи Пека Хависто, пратеник од Партијата на зелените, кој влезе во трката како независен кандидат.

Стуб и Хависто во голема мера се согласуваат за надворешната политика и безбедносните приоритети на Финска, кои вклучуваат продолжување на цврстиот став кон Москва и сегашното раководство на Русија, зајакнување на безбедносните врски со Вашингтон и потребата да и се помогне на Украина и на воено и на цивилно ниво.

Видете и ова: Финците избираат нов претседател за ерата во НАТО

За разлика од повеќето европски земји, претседателот на Финска има извршна моќ во формулирањето на надворешната и безбедносната политика заедно со владата, особено кога станува збор за земји надвор од Европската унија, како што се САД, Русија и Кина.

Шефот на државата командува и со војската – што е особено важно во сегашното безбедносно опкружување во Европа и променетата геополитичка ситуација на Финска, која влезе во НАТО во април 2023 година, по рускиот напад врз Украина една година претходно.

Стуб од конзервативната Национална коалициона партија е фаворит на изборите, бидејќи во првиот круг на 28 јануари заврши на првото место со 27,2 отсто од гласовите. Тој ја водеше владата во 2014-2015 година, а претходно имаше и неколку други функции во кабинетот.

Хависто, кој освои 25,8 отсто од гласовите во првиот круг, беше шеф на дипломатијата 2019-2023 година и главен преговарач за влез на Финска во НАТО.

Видете и ова: Финска стана членка на НАТО

Според анкетата на јавното мислење на Ила објавена во четвртокот, Стуб би добил 54 отсто од гласовите, наспроти 46 отсто за Хависто.

Победникот ќе го наследи многу популарниот претседател Саули Нинисто, чиј втор шестгодишен мандат истекува во март и нема право да се кандидира повторно.