Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Арбен Таравари поминал од власт во опозиција, изјави поранешниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на 10 февруари зборувајќи за последните случувања со Алијанса за Албанците (АА).
„Мислам дека господинот Таравари не е клучен за иднината на државата“, смета Ковачевски кој посочи и оти „сепак се работи за политичар од Гостивар, кој е успешен доктор“ и „кој прави свои политички калкулации“.
Видете и ова: Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?Таравари, кој е актуелен лидер на Алијанса за Албанците, која беше дел од владата предводена од Ковачевски, пред една недела излезе со став дека на претстојните парламентарни избори на 8 мај партијата треба да настапи заедно со опозициските партии од албанскиот блок обединети во коалицијата Сојуз за европски промени.
Тоа доведе до јавни конфронтации со претходниот лидер на АА, Зијадин Села, кој е актуелен претседател на партиското Централно собрание, и кој се залага за самостоен настап на изборите што од таборот на Таравари го сметаат за соработка со ДУИ.
Жестоките конфронтации доведоа и до разрешување на двајцата министри од АА кои го поддржаа Таравари – Фатмир Меџити кој го предводеше Министерството за здравство и Азир Алиу кој беше на чело на Министерството за информатичко општество и администрација.
Видете и ова: Собранието ги разреши министрите Фатмир Меџити и Азир АлиуТие беа разрешени ноќта на 9 февруари, а нивните наследници на фунцкиите се очекува да се изберат в понеделник, 12 февруари. Предложени се кадри од крилото на Зијадин Села – актуелниот директор на тетовската болница Илир Демири за министер за здравство, а Наим Бајрами кој е магистер по политички науки за министер за информатичко општество и администрација.
Изминативе денови на внатрепартиски тензии имаше и физичка пресметка во Тетово помеѓу двата табори, а во дворот на Таравари беше пронајден и неиспукан куршум.
Во докажувањето чија е Алијанса на Албанците и каков е ставот на партиското членство за настапот на изборите, се свикаа и два состаноци на Централното собрание. Таравари в четвртокот, 8 февруари, одржа состанок во Куманово по кој од неговиот табор објавија дека добиле поддршка од 75 члена на партиското собрание.
Од крилото на Села, пак, собирот во Куманово го оценија како нелегитимен потенцирајќи дека на состанокот имало помалку од 40 членови, а не 75. Села, како актуелен претседавач со Централното собрание, за денеска, 10 февруари, свика состанок на Централното собрание во Скопје.
Видете и ова: Собранието на АА на состанок во Скопје, Таравари нема да присуствуваНа состанокот кој се одржува денеска, Села претходно најави дека ќе се бара одговорност од Таравари, па како прва точка на дневен ред е извештајот околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори.
По неговото завршување, се очекува Села да одржи и прес-конференција.
Од таборот на Таравари, пак, веќе изјавија дека и тој и неговите поддржувачи нема да присуствуваат на денешниот настан.