Заробени во и околу јужниот пограничен град Рафа во Појасот Газа, повеќе од милион Палестинци чекаат Израел да го заврши планот за нивна евакуација и да започне копнена офанзива во овој град против борците на Хамас, која е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Хуманитарните агенции предупредија на голем број можни цивилни жртви во израелската офанзива, додека Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека не знае уште колку долго ќе може да работи „во таква операција со висок ризик“.
„Постои чувство на растечка вознемиреност, растечка паника во Рафа. Луѓето немаат поим каде да одат“, рече Филип Лазарини, шеф на агенцијата УНРВА.
Видете и ова: Нетанјаху нареди евакуација на преполниот Рафах пред очекуваната инвазијаКабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 февруари соопшти дека на војската и е наредено да развие план „за евакуација на населението и уништување“ на четири баталјони на Хамас, за кои Израел тврди дека се распоредени во Рафа.
Во соопштението се вели дека Израел „не може да ја постигне својата цел да ги елиминира исламистичките милитанти кои владеат со Газа додека овие единици остануваат“.
Изјавата беше објавена два дена откако Нетанјаху го отфрли предлогот за прекин на огнот од Хамас, без да даде дополнителни детали. Предлогот на Хамас вклучуваше ослободување на заложниците кои ги држи оваа милитантна група од 7 октомври.
Вашингтон, најголемиот сојузник на Израел, рече дека нема да поддржи напад што не ги штити цивилите и го информираше Израел за новиот меморандум за национална безбедност на САД, кој ги потсетува земјите што добиваат американско оружје да го почитуваат меѓународното право, пренесува Ројтерс.
„Нема нови стандарди во овој меморандум. Ние не наметнуваме нови стандарди за воена помош“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
„Тие (Израелците) ја повторија својата подготвеност да дадат ваков вид гаранција“, рече таа.
Израел вели дека презема чекори за да избегне цивилни жртви и ги обвинува членовите на Хамас дека се кријат меѓу цивилите, вклучително и во училишните засолништа и болници, што доведува до повеќе цивилни жртви. Хамас го негираше ова.
Видете и ова: Бајден: Одговорот на Израел кон Газа е прекумеренСпоред Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас, повеќе од 27 400 луѓе загинале на територијата од почетокот на војната што започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година. Во тој напад загинаа повеќе од 1 200 луѓе, а според израелските официјални лица, повеќе од 100 од нив починале од повредите. Хамас зеде и повеќе од 250 заложници во Газа.
Групите за човекови права го обвинуваат Израел за употреба на непропорционална сила како одговор на нападот и во последователната војна против Хамас.
Според податоците презентирани од агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се потиснати во градот Рафа на границата со Египет и околните области. Една четвртина од населението на Газа гладува, а 85 отсто од населението морало да ги напушти своите домови, додека стотици илјади луѓе живеат во шаторски кампови.