Институтот за јавно здравје информира дека заклучно со вчерашниот ден се регистрирани вкупно 22 случаи на голема кашлица.
Најголем број лица живеат во Скопје - 16 и тоа во осум различни општини, три лица живеат во Куманово, две во Гостивар и еден во Боговиње, Тетово.
Заболените лица се на возраст од 1 месец до 23,5 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно девет случаи припаѓаат на возрасната група под 1 година, а осум се деца на возраст од 1 до 4 години.
Видете и ова: Зошто се враќа големата кашлица?
Првиот пријавен случај е на 5-ти јануари 2024 година, а само во последните 7 дена се пријавени 11 случаи или половина од досега регистрираните случаи.
Во однос на вакциналниот статус, 18 лица од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Два случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за два случаи вакциналниот статус е непознат.
Од заболените, 16 лица биле хоспитализирани и тоа 14 од нив се на возраст до 4 години.
Пред два дена, заседаваше и Комисијата за заразни болести и донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.
Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис.
Видете и ова: Комисијата за заразни болести предлага прогласување епидемија на голема кашлица во СкопјеЗагриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава изрази и УНИЦЕФ. Од организацијата се придружуваат кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.
Од организацијата велат дека само со постигнување колективен имунитет може да се заштитат оние што не можат да се вакцинираат, како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. Од таму напоменуваат дека е важно сите деца кои од која било причина, ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација, да ја примат вакцината.
„Вакцинирањето е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално секоја година, тие спасуваат два до три милиони детски животи од сериозни болести. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите - обезбедете им на своите деца онаква заштита, каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото“ се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.