Ерменија ја потврди својата подготвеност да ги продолжи преговорите со Азербејџан со посредство на ЕУ, изјави пратеникот Артур Ховханесјан од партијата „Граѓански договор“, чиј претседател е премиерот Никол Пашинјан.
„Во моментов не е јасно дали преговорите ќе бидат обновени. Се разбира, и Ерменија го поддржува продолжувањето на преговорите во овој формат, бидејќи приоритет во агендата на земјата е воспоставување мир во регионот“, додаде Ховханесјан.
Неодамна, Азербејџан одби да учествува во преговорите со Ерменија со посредство на ЕУ и САД, иако претходно беа постигнати неколку договори со посредство на Европската Унија.
Видете и ова: Отворен пат за победа на Илхам Алиев на претседателските избори во АзербејџанНо, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во објава на X соопшти дека разговарал со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев за да му честита на неговиот реизбор и дека ја поздравува посветеноста на Азербејџан да учествува во трилатералните разговори во Брисел.
Инаку претставниците на Азербејџан и етничките Ерменци во Нагорно-Карабах се согласија да се сретнат на 21 септември лани во азербејџанскиот град Јевлакс, околу 265 километри западно од Баку, како дел од прекинот на огнот за, како што ги нарекува азербејџанската страна, разговорите за „реинтеграција“ на територијата во остатокот од земјата по повеќедецениска окупација.
Азербејџанските лидери ветија дека ќе дозволат „безбеден премин“ во Ерменија за сепаратистичките сили во регионот како дел од договорот, ставајќи крај на долгата борба на етничките Ерменци кои бараат независност или анексија од Ерменија за територијата.
Европската Унија го повика Алиев да ги заштити правата на етничките Ерменци во регионот и да „обезбеди целосен прекин на огнот и безбеден, достоинствен третман од страна на Азербејџан кон Ерменците од Карабах“. Властите во Ерменија го обвинија Баку за обид за етничко чистење со своите акции во Карабах.