Американскиот претседател Џо Бајден рече дека воениот одговор на Израел во Газа е „претеран“ и повика на трајна пауза во борбите додека дипломатите се обидуваат да ги спасат преговорите за прекин на огнот, откако претходно премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот на Хамас, која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка организација.
„Мислам дека одговорот во Појасот Газа е прекумерен“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.
Забелешките на Бајден се едни од неговите најжестоки јавни критики досега за владата на Нетанјаху, а следуваат по зголемениот внатрешен притисок да го убеди Израел да ги запре нападите.
Бајден, исто така, рече дека е за договор за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, зголемување на хуманитарната помош за палестинските цивили и привремена пауза во борбите за да се овозможи ослободување на заложниците кои ги зеде Хамас.
„Сега многу напорно се трудам да се справам со овој прекин на огнот и прашањето за заложниците. Има многу невини луѓе кои гладуваат, многу невини луѓе кои се во неволја и умираат, а тоа мора да престане“, рече Бајден.
Видете и ова: Гутереш: Израелски напад врз Рафа би предизвикал хуманитарна катастрофаВо знак на тоа дека дипломатијата не е завршена, делегација на Хамас предводена од високиот функционер Калил Ал-Хаја пристигна во четвртокот(8 февруари) во Каиро на разговори за прекин на огнот со посредниците Египет и Катар.
Нетанјаху во средата рече дека условите предложени од Хамас за прекин на огнот во четиримесечната војна се „заблуда“ и вети дека ќе продолжи да се бори, велејќи дека победата е на дофат за само неколку месеци.
Жителите на Газа се очајни за примирјето да дојде навреме за да се спречи израелскиот напад врз Рафа, на јужната граница на Газа, која сега е дом на повеќе од еден милион луѓе, од кои многумина живеат во импровизирани шатори.
Видете и ова: Блинкен: Договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас сè уште е моженИзраелска операција во Рафа без соодветно разгледување на положбата на цивилите би била катастрофа - изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, додавајќи дека „нема да ја поддржиме“.
Израел тврди дека презема чекори за да избегне цивилни жртви и ги обвинува борците на Хамас дека се кријат меѓу цивилите, вклучително и во училишта, засолништа и болници, што доведува до повеќе цивилни жртви. Хамас го негираше ова.
Хуманитарните агенции предупредија на хуманитарна катастрофа доколку Израел ја исполни својата закана да влезе во Рафа, една од последните преостанати области на Појасот Газа недопрена од неговите војници, каде што луѓето очајно бараат засолниште.