Генералниот секретар на Обединети Нации, Антонио Гутереш предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа.
„Половина од населението на Газа сега е во Рафа и нема каде да оди. Информациите дека израелската војска планира да ги фокусира следните операции на Рафа се алармантни. Таквата акција експоненцијално ќе го влоши она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици“,објави Гутереш на платформата X.
Неодамна израелската влада најави офанзива против Рафа, град лоциран на границата со Египет.
Видете и ова: Водачите на Хамас „во бегство“ додека Израелците напредуваат кон РафаПред војната, градот беше дом на околу 200 000 луѓе, а сега таму има повеќе од еден милион Палестинци кои избегаа од борбите од другите делови на Појасот Газа.
Инаку во четвртокот (8 февруари) американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја заврши својата петта блискоисточна турнеја, откривајќи ги длабоките поделби меѓу Соединетите Држави и Израел околу завршувањето на тековната војна во Газа.
Видете и ова: Агенцијата за помош на Палестинците очекува донаторите да го преиспитаат прекинот на финансирањето
Во четвртокот, израелските сили бомбардираа области во јужниот град Рафа, каде се засолни половина од населението во Газа.
Блинкен се враќа во Вашингтон откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно го отфрли одговорот на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската унија(ЕУ), на предложениот план за прекин на огнот и рече дека војната ќе продолжи се додека израелските сили целосно не победат.