Српските опозициски лидери од Стразбур повикаа на итна истрага за изборите

Европски парламент

Тројца лидери на опозициската коалиција „Србија против насилството“ повикаа на итна истрага од мисијата на Европскиот парламент (ЕП), која ќе ги истражува наводите за манипулации на изборите одржани на 17 декември во Србија.

Ова го побараа потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, копретседателот на Зелено-левичарскиот фронт Радомир Лазовиќ и претседателот на Движењето на слободни граѓани Павле Грбовиќ пред седницата на Европскиот парламент во четвртокот (8.2).

Тие зборуваа на панелот „Србија: Демократијата на крстопат“ што се одржа во Стразбур.

Видете и ова: Со свирежи и транспаренти од опозицијата, конституирано Собранието на Србија


Според Мариника Тепиќ, изборниот фалсификат во Србија се врши преку медиумите и притисокот врз политичките актери, како и регистрирањето на лица од Босна и Херцеговина (БиХ) во избирачкиот список во Србија, пред се во Белград, иако тоа го прават немаат право на глас на локалните избори. Таа апелираше граѓаните на Србија да не се оставаат на цедило и европратениците да помогнат да се воспостават нормални услови за избори.

Копретседателот на Зелено-левичарскиот фронт, Радомир Лазовиќ, рече дека опозицијата не бара граѓаните да бидат казнети и му се заблагодари на Европскиот парламент што ја поддржа опозицијата да ја „открие кражбата и вистинското лице на авторитарниот режим на Александар Вучиќ. “.

Тој рече дека луѓето во Србија се лути и тажни бидејќи на сите им е јасно дека имало кражба и повика на меѓународна поддршка.

„Бараме да се испрати ад хок мисија на Европскиот парламент, бараме итна независна истрага од почитувани меѓународни правни експерти“, рече Лазовиќ.

Видете и ова: Протест пред Уставниот суд во Белград, демонстрантите побараа поништување на изборите

Европратеничката Виола фон Крамон на панелот изјави дека по претходните избори во Србија, европратениците дале долга листа на предлози за подобрување на изборните услови, кои Владата на Србија ги прифатила, но не спровела ниту еден од нив.

Пратениците на Европскиот парламент денеска во Стразбур ќе гласаат за резолуција со која се бара независна меѓународна истрага за нерегуларностите на декемвриските парламентарни, покраински и локални избори во Србија, со посебен фокус на изборите во Белград.

Од власта во Србија ги отфрлаат обвинувањата за изборна кражба, со оценка дека ова бил еден од најчистите изборни процеси.