Премиерот Талат Џафери, достави допис до претседателот на Собранието, Јован Митрески, во којшто, согласно член 94, став 2 од Уставот, предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши: Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација.
Како што соопштија од Владиниот кабинет, Џафери доставил и допис до собранискиот претседател, Митрески, согласно горенаведениот член од Уставот, Собранието да ги избере: Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.
Видете и ова: Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?
Претходно денеска актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити изјави дека не планира да поднесе оставка, оти како што рече, работел чесно и морално.
И Меџити и Алиу се членови на Алијанса за Албанците. Партијата се соочува со раздор поради несогласувањата помеѓу актуелниот и претходниот претседател Арбен Таравари и Зијадин Села дали на претстојните избори ќе настапат самостојно или ќе се приклучат кон опозицискиот блок. Конечната одлука се очекува да биде донесена в сабота на партиското собрание.