Отворен пат за победа на Илхам Алиев на претседателските избори во Азербејџан

Актуелниот претседател на Азербејџан, Илхам Алиев

Актуелниот претседател на Азербејџан, Илхам Алиев, е на пат да го освои петтиот последователен претседателски мандат, според речиси целосните резултати од предвремените избори кои набљудувачите ги критикуваа како ниту слободни, ниту фер.

Алиев, кој распиша предвремени избори по брзата и одлучна победа на Баку над етничките ерменски сепаратисти во отцепениот регион Нагорно-Карабах, не се соочи со опозиција во услови на репресии врз независните медиуми и отсуство на вистински кандидат.

Централната изборна комисија рано на 8 февруари објави дека со нешто повеќе од 93 отсто преброени гласачки ливчиња, Алиев добил 92,05 отсто од гласовите.

Видете и ова: Предвремени претседателски избори во Азербејџан

Мусават и Народниот фронт на Азербејџан, двете партии во кавкаската земја кои му е спротиставуваат на Алиев, кој спроведува авторитарна контрола врз земјата откако ја презеде власта од неговиот татко, Хејдар, во 2003 година, ја бојкотираа трката.

Најблискиот конкурент на Алиев, Захид Оруј, беше далеку зад него со само 2,19 отсто, додека Фазил Мустафа беше трет со 2 отсто. Ниту еден од останатите четворица кандидати не доби повеќе од 2 отсто, според речиси целосното пребројување.

Изборните службеници објавија висок одѕив од повеќе од 76 отсто од гласачите со право на глас.

Претседателските избори требаше да се одржат до 2025 година, но Алиев, поттикнат од повторното заземање на Нагорно-Карабах од страна на Баку, најави предвремено гласање во декември за да ја искористи победата на бојното поле.