Столтенберг: Суштински важно е САД да продолжи со поддршката за Украина

генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Од суштинско значење е американскиот Конгрес во блиска иднина да се согласи за продолжување на поддршката за Украина, изјави на 7 февруари во Брисел генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Според него, поддршката за Украина „не е добродетелство, се работи за нашата сопствена безбедност“.

„Руската победа ќе не ослаби и ќе ја охрабри не само Москва, туку и Кина, Иран и Северна Кореја“, изјави Столтенберг на прес-конференција одржана заедно со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Видете и ова: Шефот на романската армија предупредува на можно ширење на војната надвор од границите на Украина


Саливан изрази очекување за широка поддршка во Конгресот за помош за Украина.

„Нема алтернатива за американската помош за Украина. Сè уште можеме и ќе испорачаме помош за Украина“, заклучи тој.

Според него, единството на Алијансата не е разнишано од дејствијата на Русија.

Претходно претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел во својот говор пред Европскиот Парламент во Стразбур го повика Претставничкиот дом на САД да ослободи 60 милијарди долари за да се обезбеди финансиската стабилност на Украина.

Американскиот Сенат пред два дена објави договор вреден 118 милијарди долари со кој ќе се зголеми безбедноста на границите и ќе се обезбеди помош за Израел и Украина.

Предлог-законот објавен во неделата (4 февруари) ќе обезбеди помош од 60 милијарди долари за Украина, чии напори да ја одбие руската инвазија се ослабени со прекинот на испораката на американска муниција.

Инаку на први февруари, сите 27 земји на Европската Унија договорија 50 милијарди евра (54 милијарди долари) помош за Украина на самитот во Брисел, откако Унгарија претходно го блокираше договорот.