Косово ризикува да заостане на патот кон членство во ЕУ, поради едностраните акции, изјави на 7 февруари портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петар Стано. Тој ги повика Косово и Србија да се фокусираат на исполнување на обврските што произлегуваат од договорите за кои се согласија во дијалогот со посредство на ЕУ.
Во последно време Косово беше критикувано од ЕУ, поради одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) да ја забрани употребата на српскиот динар за готовински трансакции низ целата земја, како и поради затворањето на неколку паралелни српски општините во Драгаш и Пеќ.
ЕУ соопшти дека овие одлуки се еднострани и побара Косово да ги реши овие прашања во разговорите со Србија во дијалог во кој таа посредува.
„Гледаме многу работи на кои реагиравме, особено во случајот со Косово, со еднострани дејствија што ни предизвикаа загриженост. Тоа создава страв кај нас дека Косово може да биде изоставено и да заостане“, рече Стано.
Косово аплицираше за членство во ЕУ во 2022 година и е единствената земја од Западен Балкан која сè уште не добила статус на земја кандидат.
Регулативата на ЦБК, која бара еврото да биде единствената валута што може да се користи за готовински плаќања низ целата земја, стапи на сила на 1 февруари, и покрај силниот меѓународен притисок да се одложи неговата имплементација.
Одлуката за укинување на динарот во Косово се совпаѓа со затворањето на паралелните општини кои работат во српскиот систем и кои се третираат како незаконски во Косово.
Стано рече дека не гледа опасност од блокирање на дијалогот меѓу Косово и Србија и покрај недостатокот на напредок на последните неколку средби.
„Дијалогот продолжува и нашата работа продолжува да им помогнеме на страните конечно да почнат да се однесуваат конструктивно и да одат напред. Не се плашиме од никаква блокада, всушност не се плашиме од ништо. Но, се плашам само дека народот на Косово и Србија ќе биде изоставен од она што им е важно, процесот на интеграција“, потенцира Стано.
Тој додаде дека работата продолжува и дека специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, како и високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, „продолжуваат да работат со партнерите, како во регионот, така и на меѓународната сцена, со цел да се овозможи двете страни да почнат да преземаат чекори што ќе им овозможат да напредуваат во сите прашања во дијалогот... особено во спроведувањето на сето она што беше постигнато минатата година и во Брисел и во Охрид“.
На почетокот на 2023 година Косово и Србија постигнаа Договор за нормализација на односите и Анекс за негова имплементација, кои, сепак, не се спроведуваат и покрај меѓународниот притисок.