Грција ќе воведе мерки за борба против насилството на спортските трибини

Илустарација, скршени седишта на трибини во Атина по насилен судир меѓу фудбалски ривалски навивачи

Грчката конзервативна влада на 7 февруари објави нови мерки за справување со насилството на спортските трибини, вклучително и систем за дигитална идентификација за купување билети за настани.

Спортот во земјата во последниве години е нарушен со смртни случаи и насилни инциденти.

Други нови мерки вклучуваат инсталирање камери со висока дефиниција на стадионите и затворање на местата доколку некој предмет се фрли на теренот. Електронскиот систем за проверка на идентитетот за поддржувачи ќе биде воведен на почетокот на април.

„Не сакаме стадионите да се затворат, но ако не се почитуваат законите, тогаш натпреварите ќе се играат без публика“, рече заменик-министерот за спорт, Јанис Вруцис.

Видете и ова: Претседателот на УЕФА Чеферин повика да се искорени хулиганството во фудбалот

Во декември, полицаец загина при судири на ривалски навивачи на одбојкарски натпревар во Атина.Стадионите низ целата земја беа затворени по инцидентот и тие ќе бидат повторно отворени на 13 февруари.

Пораст на насилство меѓу спортски навивачи се забележува и во фудбалските натпревари во Грција. Натпреварот помеѓу Олимпијакос и Волос на 4 декември беше прекинат поради судир на навивачи на трибините.

Минатиот јули, тинејџер беше смртно избоден со нож во тепачка во Солун меѓу приврзаниците на ривалските фудбалски клубови ПАОК и Арис .