Обложувалниците ќе се селат, донесен законот за игри на среќа

Илустрација

Со 55 гласови „За “ од вкупно 61 пратеник присутен во собраниската сала на 07 февруари е изгласан законот за игри на среќа и за забавните игри предложен од македонската Влада со европско знаменце.

Ниту еден пратеник не гласаше против донесувањето на овој закон, само пратеникот од СДСМ Коле Чаракчиев гласал воздржано, покажуваат бројките од собраниските служби. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на денешната седница бараше овој предлог закон да биде тргнат од дневен ред, но нивното барање не помина. Но, нивните пратеници не гласаа против.

Членови на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) на протест пред законодавниот дом повторно го изразија својот револт од усвојувањето на законот. Тие бараа од македонскиот претседател Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот, затоа што, како што велат, со него ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени, а кои со овој закон би останале без работа.

Со овој закон се предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.

„Начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии, а ќе се воведе и надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа, како и ќе се зголеми месечниот надоместок за лотариските и електронските игри на среќа“, пишува во законот кој што денеска беше изгласан.

Законот им овозможува рок од една година на обложувалниците и автомат клубовите да ги преселат деловните простории на најмалку 500 метри од училиштата.

Видете и ова: Финансиска истражува, Лотарија си тера тендер за новото седиште

Цената за една лицецна за обложувалница ќе порасне од 105 илјади евра на 200 илјади евра, а дополнилнително ќе се ограничи и бројот на уплатно- исплатни места на 25 со една издадена лиценца.

„За секое следно уплатно-исплатно место над 25- тото, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра,“ се вели во законот.

Автомат клубовите ќе плаќаат лиценца во износ од 100 илјади евра што е за 22 илјади евра повеќе од претходно, а лиценцата ќе биде ограничена на трии деловни простории за кои автомат клубовите ќе треба да плаќаат надоместок во износ од 30.000 евра.

Видете и ова: АСОМ и АПИС најавија серија масовни протести против измените на Законот за игри на среќа

Горан Стојменов, претставник на АПИС, на денешниот протест во изјава за медиумите истакна дека евентуалното усвојување на измените во ваква верзија ќе остави 10 000 вработени без егзистенција, а Буџетот ќе загуби 280 милиони евра годишен приход.

„Измените во ваква верзија ќе ја вратат земјава во 1990-та година, кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња и диви играчници по подруми во секое мало. Државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината ќе биде навистина загрозена. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставниот суд, ќе следат тужби за астрономски штети кои ќе се прекршат преку грбот на народот“, изјави Стојменов.

Претседателот на АСОМ пак, Васко Илиевски истакна дека блокирањето на улицата пред Собранието е само прва ваква блокада додека не се слушне нивниот глас. Тој најави и серија масовни протести, како „и други демократски форми за изразување незадоволство“, ако бидат усвоени овие измени.