Билјана Ванковска е претседателски кандидат од Левица

Билјана Ваковска, претседателски кандидат на Левица и Димитар Апасиев, претседател на Левица, 7 февруари 2024

Професорката Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет во Скопје е претседателски кандидат на Левица, објави партијата на прес-конференција на 7 февруари.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април кога ќе се гласа во прв круг, и на 8 мај кога треба да се одржи вториот круг заедно со парламентарните избори.

„По сите наши внатрепартиски анкети каде имаше повеќе имиња во игра најдобриот скор го имаше професорката Ванковска. По нашата понуда, таа ја прифати, за среќа. Мислиме дека конечно е дојдено времето народот да може да избере солиден, и мислиме дека го имаме најдобриот кандидат за овие избори. Затоа и први го обзнануваме и практично фрламе ракавица на меинстрим буржоаските партии да дадат кандидати кои ќе се натпреваруваат со нашиот кандидат“, рече претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

За да може како кандидатка да се најде на гласачкото ливче, Ванковска и Левица треба да соберат 10 000 потписи од граѓани. Собирањето граѓански потписи е една од опциите. Втората е поддршка од 30 пратеници. Левица во актуелниот парламентарен состав има само двајца пратеници.

Ова ќе биде втор обид на Ванковска да влезе во претседателската трка. Првиот беше пред 10 години кога најави независна кандидатура, но не успеа да го собере потребниот број на потписи.

Видете и ова: На 8 мај ќе се гласа на двојни избори – падна договор на лидерската

За тоа зошто решила по една деценија повторно да излезе на овој политички терен, Ванковска посочи неколку фактори. Прво, како што рече, е што таа како кандидат сега има многу поголема самодоверба и зад неа стои тим. Понатаму, за Левица посочи дека е политичка партија за почит и она што ги доближува се две нишки - патриотизмот испреплетен со левичарската идеологија.

„Јас немам идеја што содржи таа работна верзија на партијата со која ќе настапи на парламентарните избори, јас работам на мојата. Тие не се мешаат, не ми прават никаков увид ни цензура во тоа што го работам, ниту јас барам нешто посебно од таа страна. Меѓутоа некако си веруваме дека таа хармонија во нашите написи ќе постои и вредносно и во стилот на борбата. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. Тоа е вториот фактор што ме натера да ја прифатам оваа покана“, рече Ванковска.

Ванковска е првиот претседателски кандидат кој е промовиран од некоја од политичките партии застапени во Собранието на Република Северна Македонија.

Процедурите за избор на кандидат се започнати и во владејачката коалиција на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го избере кандидатот на конвенција на 2 март, а се очекува во трката да влезат и албанските опозициски партии обединети во Европскиот сојуз за промени, како и свои претседателски кандидати да имаат дел од вонпарламентарните партии.