Алиу и Меџити - Не цениме дека партијата бара наше разрешување

Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација.

Mинистрите за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и за здравство Фатмир Меџити вечерва изјавија дека нема да поднесеме оставка.

„Нема да поднесеме оставка, ниту цениме дека партијата ќе бара наше разрешување, изјавија вечерава на на прес-конференција од пред Владата.

Нивните изјави доаѓаат откако претходно Кадровската комисија на партијата Алијансата за Албанците соопшти дека донела одлука да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери да ги разреши Алиу и Меџити.

Според Алиу и Меџити, партијата Алијанса за Албанците е единствена и велат дека нема крило, а дека има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.

„Ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите, што ги имаат министрите на Алијанса за Алабанците. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам, дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека пробаат, изјави Алиу.

Видете и ова: Кадровската комисија на Aлијанса за Aлбанците побарала од Џафери да ги разреши Меџити и Алиу

Одлуката на Кадровската комисија на партијата Алијансата за Албанците и изјавите на Алиу и Меџити се случуваат во време на јавните конфронтирања помеѓу актуелниот партиски лидер Арбен Таравари и поранешниот партиски Зијадин Села.

Деновиве имаше и физички пресметки помеѓу двата табора, а пред вратата на Таравари беше оставен неиспукан куршум.

Во денешното партиско соопштение на Алијанса за Албанците со одлуката за барање за разрешување на Алиу и Меџити се посочува дека таа е донесена бидејќи „преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои што се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер“, се вели во соопштението.

Џафери за МИА изјави дека ја следи ситуацијата во Алијанса за Албанците, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности.

Ескалацијата на внатрепартиските тензии доаѓа во период кога партијата, која е актуелен партнер во владата, одлучува како ќе се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.