Кадровската комисија на Aлијанса за Aлбанците побарала од Џафери да ги разреши Меџити и Алиу

Арбен Таравари и Зијадин Села од Алијанса за Албанците

Кадровската комисија на партијата Алијансата за Албанците попладнево донела одлука да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери да ги разреши министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити.

„Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од 7 члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од 5 гласа, одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство“, наведуват од партиската прес-служба.

Видете и ова: Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?

Ваквата одлука доаѓа по јавните конфронтирања помеѓу актуелниот партиски лидер Арбен Таравари и поранешниот партиски Зијадин Села, откако деновиве имаше и физички пресметки помеѓу двата табора, а пред вратата на Таравари беше оставен неиспукан куршум.

Во денешното партиско соопштени на Алијанса за Албанците се посочува дека е донесена бидејќи „преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои што се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Села ќе бара одговорност од Таравари на Централното собрание на Алијанса за Албанците

Џафери за МИА изјави дека ја следи ситуацијата во Алијанса за Албанците, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности.

Ескалацијата на внатрепартиските тензии доаѓа во период кога партијата, која е актуелен партнер во владата, одлучува како ќе се позиционира за претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.