Водачите на Хамас „во бегство“ додека Израелците напредуваат кон Рафа

Слика направена од Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, на која се гледа чад што се издига над зградите во Кан Јунис во, по израелското бомбардирање на 5 февруари 2024 година, додека продолжуваат борбите меѓу Израел и палестинската група Хамас.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека раководството на Хамас, вклучително и неговиот висок функционер во Појасот Газа, е „во бегство“ додека израелската армија продолжува да се пробива кон југот на палестинската енклава.

Хамас е палестинска група означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

Галанд на брифинг во понеделникот рече дека израелската воена операција во јужниот град Кан Јунис „наскоро ќе ги постигне своите цели“ додека војниците напредуваат на југ кон Рафа, последното упориште на Хамас.

„Нашите сили дејствуваат на теренот во поголемиот дел од Појасот Газа“, рече Галант.

Видете и ова: Блинкен на пат кон Блискиот Исток, во уште еден обид за примирје меѓу Израел и Хамас

Си-Ен-Ен објави дека Израел јавно го обвини Јахја Синвар - лидерот на Хамас, дека е „мозок“ на нападот на 7 октомври, иако експертите велат дека тој бил само еден од организаторите, што го прави една од главните цели на израелската војна во Газа.

Галант тврди дека Синвар изгубил контакт со своите борци и дека е принуден да бега од едно во друго засолниште, додека израелските војници го следат во чекор.

„Тој не води трупи, туку е зафатен со сопственото преживување. Наместо лидер на Хамас, тој е терорист во бегство“, рече Галант.

Тој, исто така, тврди дека израелските сили убиле или сериозно раниле околу половина од борците на Хамас во Појасот Газа.

Наредбите за евакуација на Израел во Појасот Газа сега опфаќаат две третини од територијата на палестинската енклава, или 246 квадратни километри, соопштија набљудувачите на Обединетите нации.

Видете и ова: Американскиот Сенат претстави договор за 118 милијарди долари за границите, Украина и Израел

Десетици илјади луѓе побегнаа и продолжуваат да бегаат од областа, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) во последниот дневен извештај за хуманитарната ситуација во Газа.

Повеќе од половина од населението на Газа од околу 2,3 милиони луѓе сега се наоѓа во градот Рафа, на границата со Египет и околните области, соопшти OCHA.

На почетокот на војната, израелската армија ги предупреди Палестинците во северниот дел на Газа да ги напуштат своите домови, за да излезат од областа каде што спроведува копнени операции.

Како што продолжија борбите, израелските наредби за евакуација се проширија на јужните делови на Појасот Газа, вклучувајќи го градот Кан Јунис и околните области, кои моментално се во фокусот на израелската копнена офанзива.