Мишел ги повика САД да обезбедат пари за финансиска стабилност на Украина

Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел во својот говор пред Европскиот Парламент во Стразбур го повика Претставничкиот дом на САД да ослободи 60 милијарди долари за да се обезбеди финансиската стабилност на Украина.

Тој потсети дека минатата недела шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ едногласно одлучиле Киев да добие 50 милијарди евра за следните четири години. Мишел додаде дека во декември минатата година одлучиле да започнат пристапни преговори со Украина.

„Ова покажува дека сме решени да не попуштиме под притисокот на Русија, која го прекрши меѓународното право. Добро разбираме дека помошта за Украина е поддршка за безбедноста и напредокот на ЕУ “, рече Мишел.

Тој додаде дека Украина треба итно да добие повеќе оружје.

„Мора да го исполниме ветувањето дека ќе испорачаме еден милион гранати на украинските сили“, рече Мишел.

Американскиот Сенат пред два дена објави договор вреден 118 милијарди долари со кој ќе се зголеми безбедноста на границите и ќе се обезбеди помош за Израел и Украина.

Предлог-законот објавен во неделата (4 февруари) ќе обезбеди помош од 60 милијарди долари за Украина, чии напори да ја одбие руската инвазија се ослабени со прекинот на испораката на американска муниција.

Видете и ова: Американскиот Сенат претстави договор за 118 милијарди долари за границите, Украина и Израел

Инаку на први февруари, сите 27 земји на Европската Унија договорија 50 милијарди евра (54 милијарди долари) помош за Украина на самитот во Брисел, откако Унгарија претходно го блокираше договорот.

Финансирањето беше важно за Украина финансиски и затоа што треба Европа да остане обединета во својата поддршка. Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба подвлече дека станува збор за инвестирање на Европа во сопствената безбедност. Беше нагласено дека Украина и дава отпор на Русија за сè - го блокира обидот на Владимир Путин со сила да го оспори светскиот поредок.