Русија издаде налог за апсење во отсуство на писателот Борис Акунин

Рускиот писател Борис Акунин

Московскиот суд издаде налог за апсење во отсуство на познатиот руски писател Борис Акунин (алијас Григориј Чартишвили), кој е обвинет за повикување на „тероризам“ и ширење „лажни информации“ за руската војска.

„Против Чартишвили е изречена превентивна мерка притвор во траење од два месеци од моментот на неговото притворање во Русија или екстрадиција“, соопшти на 6 февруари прес-службата на окружниот суд во Басмани.

Минатиот месец руското Министерство за внатрешни работи го стави Акунин на меѓународна потерница поради наводни криминални активности, иако конкретните обвиненија не беа прецизирани.

Акунин (67), кој моментално живее во Лондон откако ја напушти Русија во 2014 година, отворено ја критикуваше руската инвазија на Украина.

Претходно овој месец руското Министерство за правда го прогласи Акунин за „странски агент“.

Видете и ова: Продолжен притворот на новинарката на РСЕ Алсу Курмашева до 5 април

Акунин беше меѓу десетиците руски писатели кои отворено ја осудија руската агресија врз Украина. На 24 февруари 2022 година, веднаш по почетокот на руската инвазија, тој на Фејсбук напиша дека „започна нова страшна ера“ во Русија.

„До последен момент не можев да верувам дека Путин ќе ја започне оваа апсурдна војна и згрешив. Отсекогаш верував дека на крајот ќе победи здравиот разум, а погрешив. Победи лудилото“, напиша Акунин.

Минатиот месец, руската финансиска контрола, Росфинмониторинг, го додаде Акунин на својата листа на „терористи и екстремисти“ без објаснување, но медиумите објавија дека Акунин е под истрага за наводна дискредитација на руските вооружени сили.

Видете и ова: Новинар на независен руски онлајн весник под притисок во Волгоград

Овој потег уследи помалку од една недела откако еден од најголемите руски издавачи на книги и најголемиот ланец на книжарници во земјата објавија дека ги отфрлиле Акунин и уште еден популарен писател, Дмитриј Биков, поради нивните проукраински и антируски коментари.
Во октомври, сите руски театри кои поставуваа претстави засновани на делата на Акунин го отстранија неговото име од нивните постери.