Претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари на социјалните мрежи напиша дека пред вратата на неговиот дом бил пронајден пиштол со „јасна заканувачка порака“, потенцирајќи дека ова го потсетува на случај во Италија, каде „во 1992 година мафијата го убила познатиот судија Џовани Фалконе“.
„Силите на државната полиција денеска беа кај мене дома како што видовте од медиумите, бидејќи таму беше пронајден куршум кој беше пуштен со јасна заканувачка мафијашка порака. Жал ми е за моето семејство и особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за оние политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент да се замолчи нечиј глас се куршуми, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година каде мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе... Но, за тоа ми е жал, тука завршува мојата тага и започнува мојата радост затоа што разбирам дека тие што ја држеа оваа земја во заложништво се во очај на загуба! Секој кој ќе остане без зборови, а му останал само куршум е во голема неволја“, пишува Таравари во објавата на Фејсбук, додавајќи дека промената во политичкиот дел се случува и дека „ништо и никој нема да ја запре“.
Од Европскиот сојуз за промена преку соопштение потенцираа дека заканата кон претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, „претставува сериозен чин против демократијата и европските вредности“.
Видете и ова: Села ќе бара одговорност од Таравари на Централното собрание на Алијанса за Албанците„Јасно се гледа дека ДУИ не може да излезе од минатото и да стане дел од европските вредности. Криминализираната власт, сега поддржана и од Зиадин Села, продолжува со стилот на закани и убиства кон сите кои ја загрозуваат нејзината позиција во Владата. Денешната случка, каде во дворот на куќата на Арбен Таравари му беше оставен куршум, докажува дека ДУИ и Зиадин Села како партнери на СДСМ немаат ништо заедничко со Европа и нејзините вредности. Ги разоткрива и проруските и просрпските политики. Денешната закана против Таравари докажува дека оваа влада спроведува антиевропски акции. Познати се само Владимир Путин и Александар Вучиќ кои се закануваат во ваков стил. Додека за ДУИ јасно говори и минатото. Бидејќи пред централниот штаб на оваа партија имаше размена на оган, повредени и загинати, во штабот на ДУИ во Куманово беше убиен командант Шќипоња, по војната беа убиени стотици војници и команданти на ОВК, меѓу кои и Харун Алиу“, велат од Европскиот сојуз за промена.
Претходно пак од СВР Тетово информираа дека во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри. Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.