Членовите на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот ја бојкотираа вонредната седница на парламентот на која требаше да се гласа за ратификација на влезот на Шведска во НАТО, со што дополнително го одложија тој прием.
Владејачката партија Фидес, која има апсолутно мнозинство во парламентот, го блокира шведското членство од јули 2022 година, велејќи дека шведските политичари кажуваат „флагрантни лаги“ за состојбата на унгарската демократија.
Откако Турција го одобри приемот на Шведска во Алијансата во јануари, Унгарија остана последна од 31 земја-членка на НАТО што не го стори тоа, а за прием на нова членка потребно е едногласно одобрение од сите членки.
Сојузниците на Унгарија вршат притисок врз земјата да одржи гласање за ова прашање без одлагање.
Орбан минатиот месец му рече на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ќе ја повика неговата партија да го ратификува членството „во првата можност“.
Вонредната седница на парламентот во понеделникот ја поддржаа шест опозициски партии, но пратениците на Фидес не присуствуваа, што го оневозможи тоа гласање да се стави на дневен ред.
Видете и ова: Орбан до Столтенберг - Унгарија го поддржува членството на Шведска во НАТОНа седницата присуствуваа повеќе амбасадори на земјите членки на НАТО, меѓу кои и американскиот амбасадор Дејвид Пресман.
Во кусата изјава за медиумите по седницата, Пресман рече дека САД внимателно ќе ја следат ситуацијата и оти очекува „експедитивна“ акција од Унгарија.
„Влезот на Шведска во НАТО е тема која директно влијае на националната безбедност на САД и влијае на безбедноста на нашата алијанса како целина. Премиерот вети дека ќе го свика Парламентот и ќе апелира до него да дејствува во првата можна ситуација. Денеска беше можност да го стори тоа“, рече Пресман.
Фидес во понеделникот изјави дека ратификацијата за приемот на Шведска во НАТО може да се случи за време на редовната седница на парламентот, но дека очекуваат шведскиот премиер пред тоа да ја посети Будимпешта.
„Ако тоа е важно прашање за Швеѓаните, тогаш шведскиот премиер ќе дојде во Будимпешта“, велат од партијата.
Унгарскиот парламент треба повторно да заседава на 26 февруари.